Пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, во образложението на амандманот за зголемување на буџетот за инспекторатот за употреба на македонскиот јазик, пред собраниската комисија за финансирање и буџет, истакна дека со предложениот буџет се оневозможува функционирање на инспекторатот.
Во буџетот за 2026 година средствата во однос на буџетот од 2025 година се намалени на 620.000 денари, што практично го намалува функционирањето на инспекторатот, рече Костадиновска Стојчевска и побара буџетот за оваа институција да се врати на износот од 2.033.000 денари, колку што изнесуваше во буџетот за 2025 година.
- Со намалениот износ не е можно да се обезбеди вработување на потребниот број инспектори и административен кадар, извршување на редовни активности на терен, опремување и тековно функционирање на институцијата, нагласи Костадиновска Стојчевска, додавајќи дека инспекторатот за употреба на македонскиот јазик е нова институција, основана врз основа на законот за употреба на македонскиот јазик, чија цел е да го следи спроведувањето на законските обврски во инситутциите, образованието, културата и јавниот простор.
Костадиновска Стојчевска побара поддршка од сите пратеници за овој амандман.
„Барам поддршка за оваа институција да може конечно, откако е формирана во 2024, да профункционира, затоа што откако е воспоставена, нејзиниот буџет само се крати, а со тоа не се покажува вистинска грижа за зачувување, унапредување на македонскиот јазик“, нагласи пратеничката на СДСМ Бисера Костадиновска Стојчевска, во обраќање пред собраниската комисија за финансирање и буџет.







