Српски државјанин осомничен за тешката сообраќајна несреќа со смртни последици кај Валандово

Макфакс

21/11/2025

19:42

276

Големина на фонт

а а а

Основното јавно обвинителство Гевгелија поведе постапка против државјанин на Република Србија осомничен за – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот од член 300 став 4 во врска со член 297 став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти обвинителството.

На 19 ноември рано утрото, осомничениот управувал товарно возило „мерцедес“, сопственост на транспортна фирма од Србија, натоварено со околу 24,5 тони пресувана хартија.

Возејќи по регионалниот пат од Валандово кон Дојран, не се придржувал кон одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата и со тоа го загрозил јавниот сообраќај, така што го довел во опасност животот и телото на луѓето. Иако бил должен да го држи возилото во движење што поблиску до десниот раб на коловозот и да го прилагоди движењето на условите на патот за да не ги загрози другите учесници во сообраќајот, тој не го сторил тоа и изгубил контрола, возилото излегло на банкината надвор од коловозот и се превртело на десната страна. Но во полуприколката на камионот имало и 10 кинески државјани, од кои при превртувањето 35-годишна жена и еден маж го загубиле животот, две лица се здобиле со тешки телесни повреди, а уште две со полесни повреди.

„Бидејќи постојат околности кои очигледно укажуваат на опасност од бегство, имајќи во предвид дека осомничениот е странски државјанин, заедно со видот и тежината на стореното кривично дело и последиците од него, бидејќи се работи за кривично дело со смртни последици и повеќе повредени лица, јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Гевгелија достави предлог за определување мерка притвор. Во меѓувреме се преземаат дејствија и за испитување на евентуални елементи на кривично дело криумчарење мигранти“, се истакнува во информацијата од обвинителството