Уставен суд: Прашањето за пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание

Макфакс

21/11/2025

14:43

151

Големина на фонт

а а а

Уставниот суд најостро ја осудува реториката основана на лаги и манипулации за предметот во кој се оценува уставноста на член 2 од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, во јавноста познат како „линеарно зголемување на пензиите”, соопштија од Уставниот суд.

„Нападнати се интегритетот, самостојноста и независноста на судијата Добрила Кацарска како судија-известител, а истовремено и на Уставниот суд, преку јавното дисквалификување за постапувањето во последниот случај. Тезите дека „СДСМ преку Кацарска тргна во напад за укинување на зголемување на пензиите“ или „СДСМ преку Добрила Кацарска сака да ви го земе покачувањето“ се недозволиви и можат да создадат погрешна перцепцијата за работењето и постапувањето на Уставниот суд“, се наведува во соопштението.

Од таму информираат дека до Уставниот суд се поднесени 17 иницијативи од граѓани кои бараат преиспитување на членот 2 од Законските измени и дополнувања на Законот за пензиското и инвалидско осигурување.

Од Уставниот суд наведуваат дека јавните прозивки кон судијата-известител или кој било судија во корелација со партиски интереси претставуваат обид за поткопување на авторитетот на Уставниот суд.

„Судот ги носи одлуките со мнозинство гласови на судиите, а не со глас на еден судија. Свесното пласирање манипулации претставува притисок врз судијата-известител и врз целата институција и е опасен преседан во случај кога некоја одлука не им одговара на политичките субјекти се прогласува за ‘партиска’“, се наведува во соопштението.

Во него се истакнува дека јавното напаѓање на судии и шпекулативните говори претставува директен напад врз институцијата што го штити Уставот.

Од Судот, исто така, велат дека прашањето на пензиите не смее да се користи како алиби за политичко влијание или вмешување во работата на Судот.

„Уставниот суд апелира политичарите да покажат високо ниво на уставно-правна култура, наместо да се служат со реторики на потпалување тензии и дискредитација на судиите, со што ја зголемуваат недовербата во системот и поттикнуваат институционална нестабилност. Уставниот суд повторно нагласува дека останува непоколеблив и имун на секој притисок или обид за влијание, без разлика од кого доаѓа и со какви намери се упатува“, пишува во соопштението.