„Њујорк пост“: Мировниот план на Трамп доби позитивна оценка од Умеров

Макфакс

21/11/2025

10:38

253

Големина на фонт

а а а

Американските претставници велат дека новиот мировен план на Трамп, кој предвидува Украина да се откаже од дел од своите територии и да ги намали своите трупи, добил позитивна реакција од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, објавува „ Њујорк пост“ .

Весникот се повикува на информации што му ги дале високи американски претставници.

„Функционерите рекоа дека добиле позитивна реакција од секретарот на Советот за национална безбедност и одбрана на Украина, Рустем Умеров, за време на разговорите со Виткоф во Мајами во последните недели, но не кажаа дека Киев го прифатил договорот“.

Еден од изворите на публикацијата тврди дека Умеров, кој се вратил од работен состанок во Соединетите Држави претходниот ден, не бил изненаден од предлогот и дал согласност:

„Планот беше развиен веднаш по разговорите со еден од највисоките функционери во администрацијата на Зеленски, Умеров. Значи, Умеров се согласил со повеќето одредби од овој план и направил неколку измени, кои ги вклучивме и му ги презентиравме на претседателот Зеленски“.

Друг извор на весникот додаде дека не рекол oти Киев целосно се согласува со предлогот и е подготвен да го потпише. Сепак, тој нагласи дека тие (украинската страна) се согласуваат со повеќето точки од планот.

Весникот додаде дека една од политички најексплозивните одредби (од мировниот план) предвидува целосна амнестија за сите страни вклучени во непријателствата, што ги прави невозможни сите идни правни барања во врска со однесувањето на бојното поле.

Според еден од високите функционери на Белата куќа, оваа одредба ја предложил Киев.

Тој додаде дека претходно изјавиле дека Украина ќе спроведе целосна ревизија на целата примена помош и ќе создаде правен механизам за корекција на откриените грешки и казнување на оние кои нелегално се збогатиле од војната.

Претседателот Володимир Зеленски во своето обраќање синоќа рече дека од САД ја добил нивната визија за тоа како да се стави крај на руско-украинската војна.

Тој додаде дека Украина и САД се согласиле дека тимовите ќе работат на овие предлози – за да биде ова реално.

„Нема да даваме драстични изјави и сме подготвени за јасна, искрена работа – Украина, САД и нашите пријатели и партнери во Европа и низ целиот свет“, рече Зеленски.

Според американскиот план, како што пренесуваат западните медиуми, САД и други држави ќе треба да го признаат суверенитетот на Русија над Крим, Донбас и други територии од кои Украина ќе мора да се откаже. За возврат, Киев ќе добие американски и европски безбедносни гаранции. Ќе се формира демилитаризирана зона и украинските трупи ќе бидат повлечени од тие области. Порталот „Аксиос“, повикувајќи се на неименуван американски претставник, додаде дека линијата на контакт меѓу Русија и Украина во Херсонскиот и Запорожкиот регион ќе биде „замрзната“, а Русија ќе треба да врати дел од областите на Украина. Украинската армија значително ќе се намали и ќе ги изгуби далекуметните оружја. Планот забранува распоредување странски трупи и обезбедува државен статус за рускиот јазик. „Блумберг“ објави дека санкциите против Русија исто така ќе бидат укинати.