Индиски сируп за кашлица усмрти 24 деца, властите истражуваат како дошло до контаминација

Макфакс

21/11/2025

08:14

139

Големина на фонт

а а а

Индиските власти истражуваат дали пропусти во синџирот на снабдување со фармацевтски состојки довеле до контаминација на сируп за кашлица што во изминатите месеци усмртил најмалку 24 деца, пренесе Ројтерс. Истрагата е насочена кон тоа како токсичната хемикалија завршила во производот.

Здравствените и фармацевтските инспектори од државата Тамил Наду се сомневаат дека растворувачот користен за серијата сирупи „Колдриф“ бил контаминиран уште при испораката до производителот „Сресан Фармацеутиал Мануфактурер“.

Властите потврдија дека сирупот бил силно контаминиран со диетилен гликол (DEG). Се утврдува како оваа хемикалија завршила во пропилен гликолот (ПГ), кој служи како база во сирупите за кашлица.

Случаите на смрт од септември повторно ја отворија загриженоста за безбедносните стандарди во индиската фармацевтска индустрија од 50 милијарди долари. Оваа трагедија следи по смртта на повеќе од 140 деца во Африка и Централна Азија во 2022 и 2023 година, исто така поради индиски сирупи произведени со контаминирани растворувачи.

Според извештајот на регулаторите во Тамил Наду, „Сресан“ на 25 март купил 50 килограми пропилен гликол од дистрибутерот „Санрајс Биотек“, кој истиот ден го набавил од „Џинкушал арома“ — фирма што произведува ароматични смеси за детергенти. И двете компании немаат дозволи за тргување со фармацевтски состојки.

„Санрајс“ признал дека го препакувал растворувачот во два незапечатени контејнери, а сопственикот на „Џинкушал“ потврдил дека ги отворил фабричките пломби. И двајцата тврдат дека не ракувале со токсичен DEG и не знаат како дошло до контаминацијата.

По смртта на децата, инспекциите во фабриката „Сресан“ откриле стотици „критични“ и „големи“ прекршувања — од лоши хигиенски услови до фалсификување на податоци. Производната дозвола им е одземена, а основачот Г. Ранганатан е во притвор. Компанијата и претходно била санкционирана, но фабриката не била подлежна на инспекции од 2023 година, потврдиле двајца државни здравствени функционери.