Николовски: Оставка од Трипуновски затоа што остави илјадници земјоделци без пари и блокираше 130 милиони евра

Макфакс

18/11/2025

15:52

136

Големина на фонт

а а а

Пратеникот на СДСМ, Љупчо Николовски, на денешната седница посветена на пратенички прашања упати прашање до министерот за земјоделство Трипуновски, како и до заменик министерот, кои се однесуваа на суспензијата на ИПАРД-програмата и огромните последици врз македонското земјоделство. Тој побара одговори за застојот на мерката 3, блокираните 130 милиони евра европски средства и одговорност за корупцискиот скандал што ги остави илјадници земјоделци без поддршка.

„Два пати во време на ВМРО-ДПМНЕ се случува истата трагедија: суспендирање на ИПАРД програмата.

Прво во 2011 година, и сега повторно, во 2025. Ниту една друга влада која користела Европски средства нема ваква црна биографија. Оваа суспензија не е само административна мерка. Ова е удар врз срцето на македонското земјоделство. 130 милиони евра замрзнати. Ова не се апстрактни пари. Ова се повеќе од половина од средствата со кои и онака веќе се задолживте во вашата матична Унгарија, пари што со децении ќе ги враќаат нашите деца“.

Но што е најстрашно, додава Николовски, со оваа суспензија се оштетени 3.000 нови бизниси кои требаше да се отворат, и уништени најмалку 10.000 нови работни места кои, како што рече, требаше да се создадат во руралните средини.

„Ова не се бројки. Ова се луѓе. Ова се семејства. Од винарите во Кавадарци и Неготино, до производителите на сирење во Берово. Од производителите на домати, зелка и краставици во Струмичко, до јаболкарите во Ресен и оризарите во Кочани. Вие, министре, ги оставивте сите нив на цедило. Ги лишивте од перспектива, од раст, од развој, и ги турнавте во нов бран иселување.

И додека ја криевте суспензијата, истовремено молчевте и за нешто друго: целосниот застој во реализацијата на ИПАРД 3 уште пред да се случи корупцискиот скандал.

Моето прво прашање е: Зошто Мерка 3 од ИПАРД 3 доцни 18 месеци, а Мерка 7 повеќе од една година – кога истиот систем претходно функционираше навремено и ефикасно? На што се должи ова доцнење?

Додека вие бегате од одговорност, јас, како претседател на Комисијата за земјоделство, веќе предложив конкретни чекори – она што вие требаше да го направите уште првиот ден. Прво, утврдување на фактичката состојба и институционалните слабости – затоа побарав детални информации од сите надлежни за причините, обемот и последиците од суспензијата“.

Врз основа на таквите наоди, истакна Николовски, заеднички да се подготви Акциски план кој државата ќе го достави и презентира пред Европската комисија, со јасни рокови и мерки.

„Министре, ова е вонредна состојба во земјоделството. Ова е штета која ќе се чувствува со години. Од први во регионот, нè донесовте до последни. Што криете од Собранието и од јавноста?

Причината за суспензијата е корупција, рекет и барање мито во Платежната агенција.

Затоа, министре, оставката е најмалку што треба да ја понудите. Не заради мене. Не заради политички поени. Туку заради тие 3.000 бизниси што нема да се отворат. За тие 10.000 работни места што нема да постојат.

И конечно: Министре Трипуновски, дали ќе ја преземете личната и политичката одговорност за суспендирањето на ИПАРД 3“.