Џенаро Гатузо имаше пет победи во низа како италијански селектор до оваа вечер, но на првиот посериозен испит како предводник на „аѕурите“, тимот на Рино се распадна како кула од карти.
Италија го бркаше невозможното против Норвешка и требаше да оствари победа од 9:0 за да се пласира директно на Светско првенство, па иако првиот дел беше коректен и домаќините водеа со 1:0, во второто полувреме следеше фудбалска катастрофа.
Норвешка постигна четири голови во мрежата на Донарума и покажа зошто е недопирлива во оваа група, а првиот пораз во ерата како италијански селектор го натера Рино да извлече и искрен заклучок за виденото на теренот.
– Прво и основно, треба да им се извиниме на нашите навивачи, бидејќи пораз од 4:1 е исклучително лош резултат. Ова е вистинска штета, бидејќи во првото полувреме бевме сосема солидни и добри. Изгледавме како вистински тим, а во второто полувреме бевме далеку под стандардите.
– Го загубивме добриот ритам во вториот дел, почнавме да подаруваме топки на опасни зони и му овозможивме на противникот да не казни. Честитки за Норвешка, но наша база треба да биде она што го покажавме во првиот дел. Мора да градиме од тој период, бидејќи бевме солидни, добро позиционирани и точни.
– Ако треба нешто да се издвои, тоа е стравот. Во второто полувреме се преплашивме и тоа мора да го искорениме пред баражите кои следат наредната година, – изјави Гатузо.






