Дијана Хрка, мајка на младиот Стефан кој загина при уривање на натстрешницата во Нови Сад, штрајкува со глад веќе шести ден, а утрово го повика претседателот на Србија, Александар Вучиќ, лично и јавно да разговара со неа.
„Сега му се обраќам директно на Вучиќ. Ова што се случува е на лична основа. Само нека дојде да ми каже на која лична основа, па ќе му кажам и јас некои работи“, рече Дијана Хрка, додавајќи дека се чувствува добро, јавуваат српските медиуми.
Таа, сепак, не очекува Вучиќ да дојде до нејзиниот шатор поставен во близина на српското Собрание.
„Тоа никогаш нема да се случи. Го викам веќе една година, нема тој храброст“, изјави Хрка.
Пред зградата на Собранието на Србија е мирно, а во близина има полициски сили со опрема за растерување демонстрации. Граѓани ѝ приоѓаат на Дијана Хрка за да ја прашаат за нејзиното здравје и да ѝ понудат помош. Некои ѝ понудиле и свој стан во близина на Собранието за да се одмори или истушира.
Дијана Хрка го започна штрајкот со глад на 2 ноември, по комеморативниот собир одржан еден ден претходно во Нови Сад, по повод годишнината од падот на натстрешницата на железничката станица, при што загинаа 16 лица, меѓу кои и еден Македонец.
Мајката на Стефан Хрка бара процесуирање на одговорните за трагедијата, ослободување на сите притворени студенти и распишување вонредни парламентарни избори.







