Алиу: Континуирано ги унапредуваме здравствените услуги во Клиничката болница во Битола

Макфакс

05/11/2025

18:34

201

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство Азир Алиу денеска беше во посета на Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола.

Со цел обезбедување квалитетна и достапна здравствена грижа, во болницата се вработени четворица нови специјалисти кои од приватниот сектор преминаа во јавното здравство – интервентен кардиолог, инфектолог, интернист и дерматовенеролог. Со тоа е комплетиран тимот за кардиологија, а во план е развој на клиничка електрофизиологија со имплантација на пејсмејкери, соопштија надлежните.

– Битола е првата болница во државата која почна со децентрализација на онколошката терапија – секоја недела лекар од Клиниката за радиотерапија и онкологија работи со пациентите во Битола, со што се намалува потребата тие да патуваат во Скопје за консултации и контроли. Во рамки на поддршката од Владата и Министерството за здравство, болницата е зајакната со нова медицинска опрема, меѓу која нов дигитален рендген апарат, биохемиски и имунолошки анализатори, современ апарат за ФАКО метода и нов ехо апарат за офталмологија, како и нов дигестор за одделот за патологија“, посочи Алиу.

Во изминатиот период, како што беше истакнато, примени се 11 приватни специјализанти, а целосно е реализиран и огласот за вработување на 53 лица медицински персонал, со што се подобрува функционалноста на сите оддели и одговорот на потребите на пациентите.

-Нашата цел е секој регион да добие болница со современи услови, мотивиран кадар и највисок стандард на здравствена грижа. Клиничката болница во Битола е пример како со посветеност, вложувања и стратегија, можеме да создадеме модерен регионален центар кој е поблиску до граѓаните и ги нуди сите потребни услуги на место, изјави Алиу.

Со овие инвестиции, велат од министерството, Клиничка болница „Д-р Трифун Пановски“–Битола станува модерен регионален центар, со силен кадар, современа опрема и системска грижа која ја приближува здравствената услуга до секој пациент.