[ВИДЕО] Минчев: Во недела масовно за бројот два, за Максим Димитриевски во Куманово, за Мирослав Лабудовиќ во Центар и Орце Ѓорѓиевски за Град Скопје

Макфакс

31/10/2025

18:09

165

Големина на фонт

а а а

Со повик за масовна излезеност на вториот круг од локалните избори што ќе се одржи задутре Движењето ЗНАМ – за наша Македонија ја заокружува својата изборна кампања што завршува вечерва на полноќ. Повикот го упати генералниот секретар на Движењето ЗНАМ Горан Минчев и до граѓаните и до симпатизерите и поддржувачите на ЗНАМ.

„Во недела, на 2 ноември, Ве повикувам сите членови, симпатизери и поддржувачи на Движењето ЗНАМ: излезете масовно и покажете ја вашата енергија, довербата и вербата во нашата визија. Да гласаме за број 2, за Максим Димитриевски во Куманово, број 2 за Мирослав Лабудовиќ во Центар и за број 9 за Орце Ѓорѓиевски за Град Скопје и за сите кандидати на нашите владини партнери каде што нашата заедничка поддршка носи промена. Ве повикувам сите граѓани, без разлика на политичка, етничка или верска припадност: да излеземе заедно и да гласаме за визија, за работа и за систем.

Да гласаме за иднина во која младите остануваат, семејствата живеат достоинствено, а државата функционира како дом за сите“, повика Минчев.

Тој искажа задоволство од резултатите што Движењето ЗНАМ ги постигна во првиот круг а кои, вели, дефинитивно ја потврдија стабилизацијата на гласачкото тели и станаа вистински показател дека политиките што ги водат се во вистинска насока. Истовремено се заблагодари и на коалициските партнери во власта – ВМРО-ДПМНЕ И ВРЕДИ.

„Граѓаните го препознаа нашиот концепт на чесна, директна и народна политика, која наидува на сè поголема поддршка низ целата држава. Посебна благодарност упатувам и до пријателите од ВМРО-ДПМНЕ, кои ја препознаа нашата искреност и визија, и застанаа рамо до рамо со нас. Ви благодарам за политичката зрелост и за поддршката во оваа заедничка борба за достоинствена, силна и обединета држава. Исто така, искрена благодарност до коалицијата ВРЕДИ, за поддршката и вербата дека само преку заедништво можеме да градиме држава во која има место за сите“, рече генералниот секретар на Движењето ЗНАМ.

Но, потенцираше Минчев, највредното од оваа кампања се средбите очи в очи со граѓаните. „Отворените врати, искрените насмевки и топлото добредојде што не пречека и што секојдневно го чувствувавме беше нашата најголема мотивација да истраеме и да покажеме што значи да се работи за народот и за државата“, порача Минчев, упатувајќи и посебна благодарност до активистите на Движењето ЗНАМ за несебичната пожртвуваност и поддршка и доверба во текот на сите пет недели од кампањата.