Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, ќе се сретне со американскиот претседател, Доналд Трамп, на 7 ноември во Вашингтон, изјави денес неговиот шеф на кабинет Гергели Гуљас.
Тој им рече на новинарите дека на состанокот ќе се разговара за агендата што би можела да доведе до мировен договор во Украина, објави „Ројтерс“.
Орбан претходно изјави дека на планираната средба со Трамп ќе разговара за санкциите на САД врз руските нафтени компании, објави агенцијата.
Унгарија сè уште во голема мера е зависна од увозот на нафта и гас од Русија, и за разлика од повеќето членки на Европската Унија кои, по руската инвазија на Украина во 2022 година, ја намалија својата зависност од руската енергија, Будимпешта дури и го зголеми увозот, објави претходно „Блумберг“.
Таквата зависност сега претставува ризик за енергетската безбедност на земјата, бидејќи санкциите на САД против најголемите нафтени компании во Русија имаат за цел да го принудат претседателот Владимир Путин да преговара за Украина.
Унгарската влада тврди дека нејзината локација без излез на море значи дека нема алтернатива за руската нафта.
Орбан претходно изјави дека Трамп направил грешка со воведувањето санкции врз руската нафта.
САД минатата недела воведоа санкции врз две од најголемите руски нафтени компании, Роснефт и Лукоил.







