Трет осомничен е уапсен во врска со грабежот во музејот Лувр во Париз, објави утрово француската телевизиска станица БФМ.
Полицијата го уапси во среда вечерта во парискиот регион, а според БФМ, осомничен е дека бил на местото на злосторството кога се случил грабежот.
Четири маскирани крадци украдоа скапоцен накит од галеријата „Аполон“ во Лувр, во која се сместени кралските скапоцености на Франција, за време на работното време наутро на 19 октомври, откривајќи ги слабостите во безбедносниот систем на најпосетуваниот музеј во светот.
Двајца мажи уапсени минатиот викенд под сомнение дека влегле во музејот низ прозорец на горниот кат и ги украле скапоцените предмети „делумно признаа“ за нивната вмешаност во грабежот, соопшти канцеларијата на парискиот обвинител.
Накитот сè уште не е пронајден.







