Вељко Пауновиќ ќе биде новиот селектор на српската фудбалска репрезентација. Иако нема потврда од куќата на српскиот фудбал, ниту од идниот селектор, „Спортклуб“, повикувајќи се на свои извори тврди дека двете страни постигнале договор.
Според овој извор, се очекува оваа информација официјално да биде потврдена во четврток.
Во мир, далеку од притисокот на јавноста, и со претходно зелено светло од Извршниот одбор на ФСС, генералниот секретар на Српскиот фудбалски сојуз, Бранко Радујко, во Мадрид, водел тивки преговори со единствениот сериозен кандидат. Конечно, по конкретни дискусии и решавање на посериозни пречки, позитивен одговор дојде од Шпанија.
Конечниот договор доаѓа пред дефинирањето на списокот за натпреварите со Англија и Латвија. Сепак според непотврдени информации, иако претставниците на ФСС, поточно генералниот секретар Бранко Радујко, ја застапуваа тезата за преземање на тимот веќе во претстојните натпревари, желбата на Пауновиќ била да започне нов мандат, однсно да го преземе националниот тим во јануари 2026 година.
Вељко Пауновиќ ќе биде 12-от селектор со полно работно време на Србија. Тој ќе го наследи Драган Стојковиќ на клупата, кој остави зад себе рекорден ангажман, кој траеше четири години и осум месеци.







