По вчерашниот настап на Христијан Мицкоски, кој како што вели актуелниот градоначалник на Карпош „повторно се впушти во празни и очајнички лаги“, Стевчо Јакимовски, остро реагира и му порачува: „Да беше Пинокио – носот ќе ти удреше во крстот на Водно!“
„Христијан Мицкоски, по првиот круг на изборите, дојде во Карпош ненајавен, исплашен и во паника.
Меѓу двата круга, не сме се виделе — туку само се слушнавме по телефон, кога лично ми ја даде поддршката.
‘Ме молеше. Ако треба и на колена ќе клекнам, само да ја имам вашата поддршка’ – тоа беа неговите зборови. Јас за свои 65 години таква реченица немам изговорено. Тоа се реплики од турски серии, не од сериозни политичари“, пишува во соопштението на Јакимовски.
„Мицкоски денес зборува за „бетонизација“ и „урбанистички планови“, а во првите триесет дена од мојот мандат немало ниту еден нов урбанистички план, затоа што општината беше со блокирана сметка. А и да му покажев план, што би разбрал од него?
Тој лаже дека дошол да „честита“ победа. Вистината е дека дојде со список од 37 луѓе за вработување, бараше секретар на општината, директор на јавно претпријатие и на училиште, како и урбанистичка маркица за фирма блиска до негов пријател од „Гранит“.
Сето тоа – надвор од било каков институционален ред и закон.
Мицкоски спомнува „пресуда“ – нема никаква пресуда! Постои само политички прогон за барака која денес е пренаменета во простор каде се згрижени деца од градинката „Мајски цвет“. Иронијата е што пресудата ја донесе судијка што ВМРО-ДПМНЕ потоа ја унапреди во претседател на суд!
„Четири пати дојде во мојата општина без ниедна конкретна понуда за граѓаните, освен што се занимаваше со мене. Тоа е крик на очајник и губитник.“
Христијан Мицковки продолжува со лаги затоа што ја чувствува поразеноста, а Карпош одамна го препозна тоа лицемерие. Политика не се прави со закани, молби и лажни сведоштва – се прави со работа, визија и одговорност пред граѓаните“, се наведува во соопштението на Стевчо Јакимовски.











