Она што започна како бизарен тренд на социјалните мрежи во Австралија и Соединетите Американски Држави, според предупредувањата на експертите, сега пристигна и во Европа.
Станува збор за „лижење на жаби“ — практика во која луѓето намерно доаѓаат во контакт со отровниот секрет на овие животни за да предизвикаат халуцинации и чувство на еуфорија слично на ефектот од ЛСД.
Жабите лачат отровни супстанции
Фармакологот и токсиколог, професор Холгер Барт од Универзитетот во Улм, ја предупреди јавноста по повод претстојната Ноќ на вештерките, истакнувајќи дека станува збор за „чуден и исклучително опасен тренд“ кој се шири со голема брзина.
„Слузта на краставите жаби содржи токсини што директно влијаат на срцето“, објаснил Барт.

Како и некои други водоземци, на пример саламандрите, краставите жаби лачат отровни супстанции преку жлездите на нивната кожа. Овие хемикалии им служат како одбрана од предатори, но и како заштита од бактерии и габи.
Во Австралија и САД, луѓето ја користат нивната слуз за да доживеат таканаречен „природен трип“. Токсините се внесуваат со лижење на кожата, варење на жабјиот секрет, па дури и со пушење на исушениот секрет.
Чувство на еуфорија и халуцинации
Она што особено ги загрижува експертите е што трендот сега се шири и во Германија и Австрија, каде што жабите се продаваат легално, бидејќи трговијата и консумацијата на овие животни не се опфатени со законот за наркотични супстанции.
Ефектите се појавуваат отприлика половина час по лижењето — чувство на еуфорија и живописни визуелни халуцинации. Меѓутоа, истите супстанции можат да предизвикаат конфузија, вртоглавица, главоболка, мачнина и повраќање, пренесува „Heute“.

„Во поголеми количини може да дојде до сериозно труење, опасно зголемување на крвниот притисок, нарушување на срцевиот ритам, па дури и срцев застој“, предупредува професорот Барт.
Експертите апелираат оваа „природна дрога“ да не се сфаќа лесно — иако потекнува од живо суштество, нејзиниот ефект врз човечкиот организам може да биде подеднакво смртоносен како и кој било хемиски отров.










