Независниот кандидат Милосим Војнески се повлече од вториот круг во Македонски Брод

Макфакс

23/10/2025

14:30

798

Големина на фонт

а а а

Независниот кандидат за градоначалник на Општина Македонски Брод, Милосим Војнески, објави дека се повлекува од изборната трка пред вториот круг од локалните избори. Војнески, кој во првиот круг освои 20,38 отсто од гласовите, својата одлука ја соопшти преку објава на социјалните мрежи.

„По бројните разговори со вас, мои сограѓани, одлучив да ја повлечам својата кандидатура. Ги разбирам сите оние кои, поради различни причини, ги поделија своите гласови дури и во рамките на семејствата, и не би сакал дополнително да ги продлабочувам тие теми. ВМРО-ДПМНЕ е мојата матична партија — партија на која и го посветив поголемиот дел од својот живот, уште од времето на осамостојувањето па се до денес.

Сметам дека најдобрата одлука, во интерес на моите сограѓани, е да се повлечам од оваа изборна трка.“ напиша Војнески.

Во првиот изборен круг, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ, Жарко Ристески, освои најмногу гласови — 1.539, односно 44,49 отсто. Зад него беше токму независниот кандидат Милосим Војнески со 705 гласа или 20,38 проценти, додека третиот беше кандидатот на СДСМ, Ивица Стојкоски, со само три гласа помалку – 702 гласа.