Терористички организации како Хамас и Исламска држава добиваат финансиска поддршка од Германија преку донации собрани на социјалните мрежи, објави Дојче веле. Според истражувањето, повици за „давање богатство за џихад“ кружат на интернет, а од германски следбеници се бараат пари за оружје.
Главна фигура во мрежата на финансирање, според германските истражители, е жена од Минхен, Елиф О., која како тинејџерка заминала во Сирија и наводно сега ги координира донациите за жените-припаднички на ИСИС. Судовите веќе осудиле неколку нејзини помагачи кои собрале околу 40 000 евра.
Поради правни ограничувања, тешко е да се докаже дека конкретна донација директно финансирала терористички чин. Затоа германското министерство за правда подготвува закон со кој би се казнувал и обид за финансирање тероризам.
Според експертот за тероризам Ханс-Јакоб Шиндлер, Германија треба да го следи американскиот модел каде секоја донација кон организација од листата се смета за финансирање тероризам и се казнува со најмалку десет години затвор.
Истражувањето наведува и пример со австрискиот активист Мустафа А. од Линц, кој преку својот Телеграм-канал „Gaza Now“ собирал крипто-донации во милионски износи, дел од кои, според американската компанија Chainalysis, завршиле кај Хамас. Тој е во притвор, а САД и Британија го ставиле на своите санкциски листи уште во март 2024 година.