Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, изјави дека државата месечно троши околу 1.000 евра за еден осуденик, нагласувајќи дека пробацијата во Македонија не се користи доволно, иако постои веќе шест години.
На работниот состанок „Пробација и условен отпуст“, што денеска се одржува во Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ во Скопје, беше посочено дека над 900 лица во моментов се под пробациски мерки, а системот има капацитет да опфати уште многу повеќе.
„Има многу поголем капацитет и многу почесто и подолги треба да бидат тие условни отпусти. Голем дел од осудените лица можат да бидат на условен отпуст, нормално, со препорака од секторот за ресоцијализација и директорите на затворите“, рече Пандов.
Тој посочи дека соработката со невладини организации е активна, а пробациските мерки се применуваат според видот на делото – од домашно насилство до злоупотреба на наркотични средства. Во моментов има над 100 барања за прекин на пробацијата, најчесто поради непочитување на препораките.
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски, истакна дека целта на казнувањето не е само санкцијата, туку и ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите. „Условниот отпуст игра важна улога во таа насока“, рече Камбовски.