Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје, в недела масовно да излеземе, повика Ѓорѓиевски

Макфакс

17/10/2025

12:46

662

Големина на фонт

а а а

На последниот ден од изборната кампања за првиот круг на локалните избори, кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО- ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, накусо ги повтори сите ветувања што ги даде изминативе дваесет дена. Рече дека денес нема да држи политички говори, туку ќе им се заблагодари на скопјани за досегашната соработка.

„Ви благодарам за секоја подадена рака, за секој совет, за секоја критика и најмногу за огромната надеж што ја почувствував во вашите очи, надеж дека Скопје, конечно, може и мора да биде подобро“, рече Ѓорѓиевски.

Рече дека кампањата ја водел искрено и наместо со празни ветувања, пред скопјани излегол со докази оти она што го направил во Кисела Вода за него не се само бројки, туку доказ дека зборот го претвора во дело.

Рече дека зад него не стои само неговата политичка партија, туку тим од врвни експерти, професори, архитекти, уметници, но и обични и чесни луѓе, кои „о живеат и дишат овој град.

Повика в недела, масовно, референдумски, скопјани да излезат на гласање во сите општини.

„Нашиот град повеќе нема време за губење. Секој изгубен ден во политички престрелки е изгубена можност за Скопје. Затоа ве повикувам в недела масовно да излеземе и да ја донесеме одлуката. Да не дозволиме да изгубиме уште две недели во неизвесност и политички калкулации“, рече Ѓорѓиевски.

Побара силна и чиста поддршка за да може веднаш да почне со работа и по којзнае кој пат во изминатите дваесет дена повтори дека ако скопјани не го изберат во првиот круг, само ќе ги продолжат голготата и хаосот во кој градот живее со години.

„Ве повикувам да го заокружите бројот 9. Тоа не е глас само за мене, ниту глас за една политичка партија, тоа е глас за работа, за ред, за одговорност, за визија, глас за иднината на градот Скопје. Од срце ви ветувам на сите – ќе бидам градоначалник на сите скопјани. Не градоначалник што седи во канцеларија, туку човек што ќе работи, ќе слуша и ќе обединува. Човек што ќе биде на терен, меѓу вас, решавајќи ги проблемите онаму каде што настануваат. Ајде заедно да го вратиме сјајот на нашето Скопје“, повика Ѓорѓиевски.

Рече дека веќе се чувствува победнички оти верува во силна поддршка од скопјани. Нагласи дека е отворен за соработка и дека секоја добра идеја што ја нема во неговата програма ќе ја прифати и ќе ја реализира до крајот на мандатот.