Скапоцена намирница што лекува и засладува: Плаќаат и до 17.000 евра за килограм – кори од мандарина

Точка

16/10/2025

13:10

878

Големина на фонт

а а а

На прв поглед, Синхуи изгледа како обичен кварт во кинескиот град Џијангмен, сместен во јужната кинеска провинција Гуангдонг. Но, ако се најдете таму наесен или во зима, улиците ќе ве обземат со прекрасен мирис на сушени кори од мандарина, познати како ченпи („chenpi“).

За жителите на Синхуи, тоа е мирисот на златото. Имено, зборот за мандарина на кантонски – локалниот дијалект – се изговара исто како и зборот за „злато“, односно „гам“. Слично како и благородниот метал, некои од тие кори можат да достигнат неверојатно високи цени – но само доколку се набрани токму во Синхуи, каде составот на почвата и водата го прават ова подрачје идеално за одгледување мандарини. Се смета дека токму корите од мандарини од овој крај се вистинско богатство на микронутриенти.


Овие посебни кори се сушат на сонце секоја есен и зима – најмалку три години по ред. Постојат неколку видови кори, меѓу кои: зелени кори од мандарини набрани пред да созреат, потоа светли или црвени кори набрани во ноември, големи црвени кори што целосно созреваат околу декември, и кори од мандарини набрани по зимата, кога содржат повеќе шеќер.


Ченпи наводно се користел во јадењата што се служеле на царевите и цариците во Забранетиот град – некогашната царска палата на кинеските династии Минг (1368 – 1644) и Чинг (1644 – 1911). Денес, оваа состојка главно се користи во кујната на јужна Кина, како за подобрување на вкусот, така и за лековити цели. Слатките и пијалаците направени од сушени кори од мандарина со текот на времето станале сеприсутни.


Во зависност од видот, ченпи се користи во традиционалната кинеска медицина за подобрување на здравјето на слезината, дигестијата и респираторниот систем. Сушените кори се богати со антиоксиданси и флавоноиди, и помагаат во регулирањето на крвниот притисок.

Слично како врвното вино – колку се постари корите, толку повеќе се ценат.


Пред неколку години, еден килограм сушени кори од мандарина од 1968 година на аукција во Хонг Конг бил продаден за 9.320 евра, а вредноста на индустријата на ченпи корите минатата година се проценуваше на 2,94 милијарди евра. Денес, 500 грама кори стари 50 години чинат неверојатни 8.875 евра.