Кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Ѓорѓиевски, денес ја претстави програмата за средношколците. Вети модерен, дигитален и еколошки образовен систем, а за да го создаде, вели дека ќе почне од инфраструктурата.
„Во периодот што е пред нас ќе ја промениме сликата на образованието во Скопје. Во соработка со Владата ќе изградиме две нови современи средни училишта. Едното во Драчево, тоа е нова училишна зграда за средното училиште ‘Браќа Миладиновци’ и другото во Ѓорче, нов објект за училиштето ‘Кочо Рацин’. Тоа ќе бидат модерни, дигитализирани и енергетски ефикасни објекти“, рече Ѓорѓиевски.
Секое училиште Ѓорѓиевски вели дека ќе добие фотоволтаци, нови фасади, термоизолација, паметни системи за следење на потрошувачката, брз интернет во секој училница, паметни табли, проектори и дигитални содржини создадени од наставници и студенти, прочистувачи на воздухот, климатизација и греење, а безбедноста во училиштата ќе ја гарантира преку програми за превенција на насилство, ангажман на училишни полицајци, видеонадзор и едукации за ученици и за родители.
Во програмата за средношколците на Ѓорѓиевски предвиден е и бесплатен оброк за средношколците и наградно патување во Европа за првенците на генерација.
„Со програмата ‘Младински оброк’ ќе обезбедиме субвенциониран оброк за секој средношколец преку картичката ‘Скопје сити гоу’. Ќе воведеме модерни униформи што ќе бидат креирани заедно со средношколците и ќе поттикнуваат еднаквост и достоинство за секој од нив. Воведуваме и бесплатно патување во Европа за првенците на генерација. Девојчињата ќе имаат обезбедени хигиенски производи во училиштата, а за секој ученик обезбедуваме пристап до психолошка поддршка од стручни лица“, вети Ѓорѓиевски.
Со помош на вештачката интелигенција Ѓорѓиевски планира воведување дигитален асистент за секој ученик, кој ќе ги објаснува лекциите и ќе ги заменува, како што рече, скапите приватни часови. Во неколку училишта најави формирање лаборатории за вештачка интелигенција со 3Д-модели и интерактивни симулации, кои наставата ќе ја направат привлечна, динамична и блиска до новите генерации.
Во рамките на програмата за ученици Ѓорѓиевски планира и рестартирање на Планетариумот во МКЦ за кој вели дека ќе стане центар за наука, култура и технологија, каде што децата за астрономијата ќе учат со љубопитност и науката повторно ќе биде достапна, разбирлива и, пред сè, возбудлива за младите.
Во програмата има и училишни младински клубови за уметност, музика, театар и технологија, кои како кариерни центри ќе помагаат во изборот на професијата и понатамошното образование и ќе соработуваат со универзитетите и со фондациите.