[ВИДЕО] Ангелова: Фатмир Дехари од Кичево е срам за сите жени во Македонија, злоупотреба, понижување и срамен молк од ДУИ

Макфакс

15/10/2025

12:54

197

Големина на фонт

а а а

Во медиумите излегоа аудио снимки од кои се слуша како Фатмир Дехари наместо да биде градоначалник и да ја користи општина Кичево за добробит на граѓаните, тој сексуално ги малтретира и се изживува врз вработените. Овие снимки се скандалозни, а односот на Дехари на нив понижувачки за секоја жена, истакна на прес-конференција Емилија Ангелова, пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова, вели таа, не е само навреда кон жените во општина Кичево, туку и кон сите жени во Македонија, без разлика дали се Албанки, Македонки, Турчинки, Влаинки или од која било друга заедница.

„Ова е срам за целиот наш мултиетнички мозаик, за секое семејство што воспитува ќерки со почит, труд и достоинство.

Ваквото однесување не е дел ниту од една култура, ниту од верата, ниту од традицијата. Тоа е срам и мора да биде осудено од сите: и Албанци и Македонци и секој чесен граѓанин на Кичево, односно на Македонија.

Од аудио снимките се слуша како жените вработени во општина Кичево се принудувани да го бакнуваат градоначалникот Дехари, и со големо гадење да кажат дека му седнуваат в скут.

Ова е скандал, и изживување врз цел еден колектив и сите жени.

Зарем до тој степен е падната ДУИ, да за вакви луѓе води кампања за повторен мандат? Дали традицијата и почитта кон жената за ДУИ се небитни? Која е пораката до сите жени и до семејствата“, прашува Ангелова.

Дехари, како што оценува таа, малку од повеќе се има заиграно со политиката и со градоначалничката позиција, но тоа не значи дека ова треба да се премолчи и да се толерира.

„Кичево и кичевчани не заслужуваат ваков третман на албанките или генерално – ниту една жена не смее вака да биде третирана на работното место. Дехари мора да си поднесе неотповиклива оставка и да се повлече од политиката.

Истовремено прашуваме:

Дали жените од ДУИ ќе реагираат на ова?

Дали дискриминаторска комисија ќе отвори случај за ваквиот полов дискриминирачки однос?

Дали Али Ахмети ќе го толерира својот миленик кој се изживува со жените вработени во општината?

Ова не смее да помине без широка општествена осуда. Ова не е 18 и 19 век, жените не се робинки или сопственост нечија, тие се нечии мајки, ќерки, жени, деца. Ниту тие, ниту нивните семејства го заслужуваат ова“.

Ги повика сите партии да реагираат, сите институции, здруженија за заштита на жените, но пред сè како што нагласи ЈО за организиран криминал, „најблискиот другар на Ахмети да даде став“.