Со судството и обвинителството во Македонија, како што велат од владејачката ВМРО-ДПМНЕ, раководи кланот Заеви и кланот Ахмети.
Тие, според партијата на Мицкоски, се директните виновници кои држат судии и обвинители затоа што се уплашени поради криминалот кој го имаат направено.
„Затоа секој случај кој ќе почне завршува со неуспех.
Затоа секоја пријава на МВР или докази или допрен глас и укажување од Владата или јавноста за криминал на луѓе од СДС и ДУИ завршуваат без епилог, во нечија фиока или затворени се како случаи.
Но, имаме една порака. Ако до Нова година не се смени ова и нема чекори за борба против корупцијата за еклатантни примери на криминал на разни политичко мафијашки групации во земјава, ние ќе објавиме и тргнеме во одлучна акција и чекори кои тоа ќе го променат од корен.
Укажувавме, повикувавме, апелиравме, молевме, но безуспешно“.
Народот, според ВМРО-ДПМНЕ, е разочаран.
Апатијата, како што оценуваат се зголемува.
„Довербата во правна држава ја нема. Надежта се губи.
Нема да го дозволиме тоа. Ќе биде или тие или Македонија. Или тие сите криминалците без разлика на политичка и етничка припадност на една страна, или ние со народот на другата.
Доаѓаат тешки моменти за корумпираните судии, обвинители, и политичари и бандити“.