Израелската армија денес објави дека ќе го нападне градот Газа со „невидена сила“, повикувајќи го населението да се евакуира од областа каде што ја спроведува својата голема офанзива што е критикувана од меѓународната заедница.
Израел во вторникот објави почеток на копнена и воздушна воена кампања во Газа на север од енклавата, за уништување на палестинското исламистичко движење Хамас, чиј напад во Израел на 7 октомври 2023 година ја предизвика војната во Појасот Газа.
„Израелските сили ќе продолжат со своите операции со невидена сила против Хамас и други терористички организации“, изјави полковникот Авичај Адрае, портпарол на израелската војска, повикувајќи ги жителите да се евакуираат.
Но, жителите велат дека ситуацијата е хаотична. „Немаме каде да одиме“, изјави за АФП Ум Мохамед ал-Хатаб, Палестинка од бегалскиот камп Шати во западниот дел на градот Газа.
„Моите седум деца и јас сè уште живееме во шатори на запад од градот откако окупацијата (Израел) ја бомбардираше нашата куќа“, додаде таа.
„Не се плашам од смртта, се плашам за моите деца“, рече 34-годишната Лејла Азам, која живее со своите три деца во Тел ал-Хава во јужна Газа. „Дури и немаме шатор“.
ОН го процени бројот на луѓе што живеат во и околу Газа на крајот на август на околу еден милион. Израелската војска соопшти дека 480.000 луѓе избегале од областа.