Европската комисија планира да воведе забрана за увоз на руски течен природен гас (ЛНГ) од 1 јануари 2027 година, што е една година порано од првично планираното, и би бил дел од 19-тиот пакет санкции против Москва.
Во исто време, Комисијата разгледува посебен „заем за репарација“ за Украина, кој би се обезбедил со користење на средствата од замрзнатите руски средства, објавува Ројтерс.
Според економскиот комесар Валдис Домбровскис, идејата е да се обезбеди финансиска поддршка за Украина во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ја намалува директната воена помош за Киев.
Околу 300 милијарди долари руски средства се блокирани во земјите од Групата седум (Г7), а најголемиот дел е во Белгија. Дел од овие средства веќе се конвертирани во готовина, според написите.
Предлогот предвидува Европската комисија да издава обврзници без купони, со гаранции од земјите-членки. Белгија, сепак, предупредува дека планот носи значителни ризици и бара тие да бидат поделени меѓу сите членки на Европската Унија.
Висината на заемот ќе биде одредена според проценката на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) за потребите на Украина за следните две години. ММФ прогнозира дека финансиските потреби на Украина во периодот 2026-2027 година ќе бидат за 10 до 20 милијарди долари повисоки отколку што предвидува владата во Киев, пренесува Танјуг.
Додека Украина верува дека е доволно да се обезбедат 37,5 милијарди долари во следните две години, ММФ проценува дека бројката би можела да достигне до 57,5 милијарди долари, објави Блумберг, повикувајќи се на анонимни информирани извори.