Алиу најави модерна стоматологија: Никаков компромис кога станува збор за квалитетот на здравствената грижа

Макфакс

19/09/2025

15:34

135

Големина на фонт

а а а

Министерот за здравство, Азир Алиу, синоќа се обрати на отворањето на 10 конгрес на Македонското стоматолошко друштво, на тема „Иднината на совршеност во стоматологијата: уметност на науката, знаењето и вештините“.

– Јас не сум лекар, јас сум инженер, токму тоа ме научи здравството да го гледам како комплексен систем, со елементи кои мора да функционираат поврзано, со транспарентност, ред и доверба. Систем во кој нема место за импровизации и каде не се прифатливи компромисите на штета на пациентот. Во светот, стоматологијата оди напред со невидено темпо: вештачката интелигенција, роботиката, дигитализацијата и телемедицината целосно го менуваат начинот на кој му се служи на пациентот. Иднината е веќе тука и ние имаме обврска да бидеме дел од неа, порача Алиу.

Во своето обраќање, тој истакна дека за бидеме дел од таа иднина, мора да ги изградиме темелите врз професионализам, интегритет и одговорност. Според него, Конгресот е доказ дека нашите стоматолози имаат волја и капацитет да постават нови стандарди, да ја освојат и задржат довербата на граѓаните и да бидат активен дел од здравствената трансформација што се одвива во земјата.

„Како министер за здравство, сакам да истакнам дека нашиот пат е јасен, никаков компромис кога станува збор за квалитетот на здравствената грижа и довербата на граѓаните. Ќе ја поддржиме стоматологијата со политики кои ќе го стимулираат образованието, иновацијата и транспарентноста. Само така можеме да изградиме силен и правичен систем за сите, истакна Алиу.