Трипуновски: Откупени се над 78 милиони килограми на винско грозје, секој грозд ќе биде собран да не се грижат земјоделците

Макфакс

17/09/2025

14:23

155

Големина на фонт

а а а

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, денеска беше на теренска посета во Тиквешкиот регион, каде посети неколку откупни пунктови со цел следење на процесот на откуп на винско грозје.

„Можам да ве информирам дека според податоците од претходниот ден, досега се откупени нешто над 78 милиони килограми винско грозје”, истакна Трипуновски.

Од откупените количини, над 35 милиони килограми се црвено грозје, околу 40 милиони килограми бело грозје, плус дополнителни количини наменети за извоз. Целиот процес се следи од страна на Државниот инспекторат за земјоделство.

Министерот додаде дека се следи состојбата со откупот на винско грозје и дека оваа година има зголемена количина, што радува бидејќи Министерството вложи напори да донесе вода до секој лозов насад.

„Она што сакам да го упатам е дека не треба лозарите да бидат загрижени. Интензивно изминатите денови го следиме откупот и динамиката. Определената количина која меѓу лозарите наводно нема да се откупи не е точно – од утре веќе во откупот влегува уште една винарска визба, тоа е „Вардар винарија“, која ќе ги отвори своите порти и ќе ја собере дополнително онаа количина што ќе се појави за откуп”, појасни министерот Трипуновски.

Министерот истакна дека останатите винарски визби согласно динамиката продолжуваат со откуп на винско грозје.

„Секое едно зрно, секој еден грозд ќе биде собран – лозарите да не бидат загрижени. Нашата заложба беше да има зголемена количина на винско грозје. Наредниот период продолжуваме да бидеме тука секојдневно на терен за да елиминираме било каква манипулација”, заклучи министерот.