Игор Стефановски, синот на великанот Горан Стефановски, иако долги години живее и работи во Англија, како и насекаде низ Европа – никогаш не ја пресече својата конекција со родната грутка, ниту пак ги заборави своите корени.
Неретко присуствува во Македонија, што приватно, што професионално – а не отсуствуваат ниту пак неговите ставови поврзани со животот во ова парче земја.
Сега, Стефановски се огласи на својот Фејсбук-профил каде што објави отворено писмо во кое упати пет конкретни предлози за подобрување на секојдневниот живот во земјата.
„Сакал неќел, родниот град и родната земја ми се слабата точка. Од ’92-ра наваму се имам вратено дома сигурно над 100 пати. Тоа е тоа — можеш да го извадиш детето од Балканот, ама не Балканот од детето, нели. Но, еве после 101-вото враќање, имам потреба нешто да предложам, бидејќи моето маало, мојот град, и мојата земја не сум ги видел во полоша состојба. Запуштени, занемарени, оставени сами себе да се изглодаат однатре“, пишува Игор, потенцирајќи дека не сака да критикува, туку да предложи решенија.
Во своето писмо тој изнесува пет конкретни предлози:
ОТВОРЕНО ПИСМО СО неколку ПРЕДЛОЗИ
Роден во Скопје ’80-та, имам живеено пола живот на Балкан и пола на ‘Запад’. После...
Posted by Igor Stefanovski on Monday 8 September 2025
1. Промена на временската зона – Македонија да премине во GMT+2 за да има повеќе дневна светлина во зима.
2. Зелен бран низ скопските булевари – повторно воспоставување координиран сообраќаен систем за полесно и побрзо движење.
3. Справување со кучињата скитници – хумано решение за намалување на бројот на кучиња на улиците.
4. Декриминализација на сите дроги – да не се гони приватната употреба и поседување, а полицијата да се фокусира на посериозни безбедносни прашања.
5. Права за животната средина – воведување законска заштита на природата со строги казни за уништување на шумите, реките и екосистемот.
„Сакам Македонија да ми биде силната, а не слабата точка!“, порачува Стефановски, надевајќи се дека неговите предлози ќе поттикнат јавна дискусија и нови идеи за позитивни промени.