Физичкото казнување на децата е глобален проблем со јавното здравје што предизвикува сериозна штета на физичката и менталната благосостојба на децата и може да доведе до криминално однесување во зрелоста, објави Светската здравствена организација.
Во новиот извештај на СЗО се наведува дека децата кои во 49 земји со ниски и средни приходи биле изложени на физичко казнување, кое се дефинира како „секоја казна во која се користи физичка сила и чија намера е да предизвика одреден степен на болка или непријатност, без разлика колку е блага“, имале 24 проценти помалку шанси да се развијат на правилен начин, од децата кои не биле цел на физичко казнување, објавува „Гардијан“.
Се проценува дека 1,2 милијарди деца ширум светот се изложени на физичко казнување секоја година. Во изминатиот месец, 17 проценти од сите деца изложени на физичко казнување претрпеле тешки форми на физичко насилство, како што се удирање по главата, лицето или ушите, или силно и постојано удирање, се наведува во извештајот.
– Сега постојат огромни научни докази дека физичкото казнување носи повеќекратни ризици за здравјето на децата. Тоа не нуди никакви придобивки за однесувањето, развојот или благосостојбата на децата, ниту пак придобивки за родителите или општеството – рекол Етјен Круг, директор на Одделот на СЗО за здравствени детерминанти, промоција и превенција.
Тој повика на „прекинување на оваа штетна практика за да се обезбеди децата да напредуваат дома и во училиште“.
Во извештајот на СЗО се наведува дека децата изложени на физичко казнување имаат поголема веројатност да развијат анксиозност, депресија, ниска самодоверба и емоционална нестабилност, што продолжува и во зрелоста и може да доведе до употреба на алкохол и дрога, насилно однесување и самоубиство. Физичкото казнување често е придружено со психолошко казнување, што вклучува однесување што го омаловажува, понижува, плаши или исмејува детето, се додава во извештајот.