Пекарниците во Боливија речиси ги преполовија тамошните популарни лепчиња, кои порано тежеа 100 грама, а сега тежат 60 грама, бидејќи владата ги замрзна нивните цени по парче.
Боливијците сега плаќаат иста цена – 50 центи (0,03 евра) за едно, но лепчињата се речиси двојно помали и со понизок квалитет од претходно.
Причината за замрзнувањето на цените е финансиската криза што го осакатува увозот на брашно, а инфлацијата ги уништува буџетите.
Бројните знаци на хаос во Боливија пред претседателските избори кои ќе се одржат во недела зборуваат за земја заглавена во минатото по 20 години економски модел на поранешниот лидер Ево Моралес и во најлошата економска криза во последните четири децении.
Лидерите на десницата, бизнисменот Самуел Дорија Медина и поранешниот претседател Хорхе „Туто“ Кирога, предложија укинување на политички потпалувачките субвенции што ја одржуваат мрежата за социјална сигурност.
„Отворено велам: ќе ги укинам субвенциите бидејќи тие се најголемиот апсурд“ изјави Дорија Медина за АП овој месец, осврнувајќи се на моторното гориво што Боливија го субвенционира со милијарди долари годишно.
Битката за леб
Сепак, денес во Боливија беснее битка за леб бидејќи ја снемува цврстата валута за увоз на пченица, бидејќи земјата произведува помалку од 25% од она што го троши.
Борејќи се да се справи со застојот на увозот, владата ги забави или во некои случаи ги суспендираше пратките на субвенционирано брашно. Лебот исчезна од полиците, а редици за леб почнале да се појавуваат низ целиот главен град, Ла Паз.
Недостатокот на американски долари, исто така, го отежнал увозот на дизел, што доведе до недостиг на гориво и покрена прашања за способноста на Боливија, зависна од увоз, да продолжи да ги субвенционира своите основни прехранбени производи.
Земјоделците не само што користат дизел гориво за машини за наводнување, туку цената на дизелот, исто така, придонесува за цената на увезената храна.
Пред околу две години, Боливија имаше пониска годишна стапка на инфлација од Германија. Денес, таа е меѓу највисоките во регионот, а владата објави дека потрошувачките цени во јули се зголемиле за 25% во споредба со јули 2024 година.
Но, цената на лебот не се променила веќе 17 години.
Боливија увезува поголем дел од својата пченица од Аргентина, каде што под либертаријанскиот претседател Хавиер Мили, цените пораснаа заедно со вредноста на аргентинскиот пезос.
Агенцијата за житарки на Боливија, ЕМАПА, дистрибуира субвенционирано брашно до пекарите по фиксна цена, додека од нив бара да продаваат лепчиња за 50 центи по парче – околу една петтина од она колку би чинело да се направи истото лепче со состојки купени по малопродажни цени.
Пекарниците пропаѓаат
Со зголемувањето на цените на другите состојки, многу пекарници субвенционирани од државата предупредуваат дека се на работ на банкрот. Десетици пекари минатиот месец организираа 24-часовен штрајк барајќи да го продаваат својот леб по пазарни цени.
Историјата од Француската револуција во 1789 година до немирите во Венецуела во 1989 година покажува зошто партијата на Моралес, Движењето за социјализам (МАС), не се осмелила да ги промени цените: „Кога цената на лебот ќе се зголеми, тоа е денот кога сè пропаѓа“, рече 40-годишниот Џејкоб Чок, сметководител кој купува лепчиња со путер од несубвенционирана пекара, кои чинат 20% повеќе.
„Порано јадевме едно лепче за појадок, а сега ни требаат две за да се чувствуваме сити“, гневно рече Кармен Муњоз (65) на пазарот, „да не заборавиме дека социјализмот нè донесе дотука“, додаде таа.
Кога цените на стоките скокнаа во 2007 година, Моралес, лидерот на синдикатот на одгледувачи на кока, избран една година претходно во својот прв од трите претседателски мандати, ги искористи приходите од зголемениот извоз на природен гас за финансирање на субвенции за леб и други основни потреби.
Но, како што производството на гас падна една деценија подоцна, МАС посегна по девизните резерви за да продолжи со трошењето, а тој модел стана премногу скап: минатогодишните субвенции за храна и гориво изнесуваа повеќе од 4,2% од бруто домашниот производ.
Со оглед на тоа што владата не може да им плати на добавувачите на време, а камионите се заглавени поради недостиг на гориво, месечните пратки мелена пченица од ЕМАПА се намалуваат, оставајќи ги субвенционираните пекарници без брашно. Дури и додека пекарниците ги трошат своите заштеди за да купат други состојки, договорот за субвенции им забранува сами да набавуваат брашно.
„Наместо да помогнат, субвенциите нѝ штетат“, изјави пекарот Хуан де Диос Кастиљо.
Некои пекари велат дека ЕМАПА – долго обвинета за фаворизирање на членови на партијата МАС – целосно го запрела снабдувањето на пекарите.
ЕМАПА негира сè и вели дека истражува извештаи за пекари кои препродаваат субвенционирано брашно по високи цени на црниот пазар или се обидуваат да продаваат печива со евтино додаден скроб од корен од касава.