76-годишен маж уапсен поради сомнение за труење деца на летен камп во Велика Британија

Макфакс

01/08/2025

08:44

325

Големина на фонт

а а а

Маж на возраст од 76 години е уапсен под сомнение дека дал отров, откако неколку деца се почувствувале лошо на летен камп во Лестершир. Полицијата соопшти дека е во тек истрага откако осум деца од кампот во Stathern Lodge во неделата биле префрлени во болница. Сите деца во меѓувреме се отпуштени од болничка грижа.

Полицијата и Брзата помош од регионот Источен Мидлендс пристигнале во кампот на улицата Canal Lane по пријави дека децата покажуваат симптоми на труење. Осомничениот е приведен под сомнение дека дал отровна или штетна супстанција со намера да повреди, вознемири или иритира. Тој сè уште се наоѓа во притвор, јавува BBC.

Според информациите, по доаѓањето на итните служби, бил поставен привремен тријажен центар во салата Plungar за проценка на здравствената состојба на сите деца во кампот. Осум деца, како мерка на претпазливост, биле префрлени во болница, но потоа се вратиле дома откако биле прегледани.

Случајот го презеде Одделот за големи инциденти на Специјалната оперативна единица на Источен Мидлендс. Полицијата продолжува со истрагата на терен и обезбедува поддршка за семејствата на засегнатите деца.

Независната канцеларија за надзор на полициското работење соопшти дека започнала истрага за начинот на кој полицијата во Лестершир постапувала во врска со инцидентот. Во вторникот бил поднесен приговор поврзан со грижата за благосостојбата на групата деца.

Портпарол на IOPC изјави: „Нашиот тим за процена ги прегледа сите достапни докази и заклучи дека случајот бара независна истрага од IOPC.“

Истрагата ќе се фокусира на тоа дали имало повреда на професионалните обврски – конкретно, дали дошло до пропуст во извршување на службената должност, што довело до доцнење во одговорот на полицијата на инцидентот, кој подоцна е класифициран како критичен.

Инспекторот Нил Холден додаде: „Разбираме дека овој инцидент предизвика голема загриженост кај родителите и локалната заедница. Во постојан контакт сме со родителите на сите деца. Ангажирани се бројни специјализирани ресурси и соработуваме со партнерските служби за да обезбедиме целосна заштита на децата вклучени во случајот. Станува збор за сложена и чувствителна истрага.“