Арсовска за Чаир: Денес 50 дивоградби, утре уште 50, луѓето не заслужуваат да живеат безбедносно загрозени

Макфакс

31/07/2025

19:40

628

Големина на фонт

а а а

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, денеска изјави дека до Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција е доставена обемна документација од 3.200 страници поврзана со сомнителни постапки за легализација и изградба на објекти во општина Чаир.

На брифинг со новинарите, Арсовска посочи дека станува збор за згради кои сѐ уште се градат – без документација, без проект, без платени комуналии и без статика.

„Ако нема санкционирање, денеска имате 50 згради што се градат. Утре ќе имате уште 50. Таму живеат луѓе, не бројки. И тие луѓе не заслужуваат да живеат во 12-катници без гаранција за нивната безбедност“, рече таа, предупредувајќи на сериозен преседан доколку институциите не постапат.

Документите доставени до обвинителството содржат, како што рече, докази за фалсификати, меѓу кои и изјави потпишани од лица кои во моментот на наводната изградба биле малолетни.

Таа ја нарече состојбата „очигледна операција на перење пари“, и нагласи дека ваков размер на криминал не е забележан во ниту една друга општина во Скопје.

Обвинителството веќе постапува по пријавата – одземена е документација од Општина Чаир и од Министерството за транспорт и врски, а тече споредба на податоците со други институции.

Арсовска истакна дека не планира повторна кандидатура за градоначалник, но зад себе остава над 900 реализирани проекти, од кои 250 капитални, „и покрај сериозните опструкции од Советот на градот“.

Во однос на најавата на градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дека ќе ја тужи, Арсовска одговори дека ќе и биде задоволство да ги соочи доказите со него, било каде и на било која платформа.