Владата на Австралија денес објави дека од декември оваа година видео платформата „YouTube“ ќе мора да обезбеди дека сопствениците на профили на неа имаат најмалку 16 години, со што се поништува претходната одлука на парламентот со која тоа не беше задолжително.
Мерките за старосна граница за профили на социјалните мрежи Владата веќе ги издаде за „Facebook“, „Instagram“, „Snapchat“, „TikTok“ и „X“, а „YouTube“ во ноемвриската расправа во парламентот беше изземен од тој пакет.
Законот им забранува на децата под 16 години пристап до овие платформи, како и создавање профили и објавување содржини.
Министерката за комуникации на Австралија, Аника Велс (Anika Wells), денес ги објави новите правила што одредуваат кои социјални мрежи подлежат на старосни ограничувања, а кои не.
Ограничувањата стапуваат на сила на 10 декември, а платформите ќе плаќаат казни од околу 28 милиони евра доколку не ги исклучат малолетните корисници, соопшти Владата.
Велс за новинарите изјави дека четири од десет австралиски деца пријавиле дека нивното последно штетно искуство на социјалните мрежи било на „YouTube“.
Таа додаде дека платформите мора да обезбедат алтернатива за проверка на возраста на корисниците без предавање на лични документи.
Според новите мерки, децата ќе можат да пристапат до „YouTube“, но нема да можат да имаат сопствени профили.
„YouTube“ соопшти дека одлуката на Владата „го поништува јасното и јавно ветување дека платформата ќе биде изземена од забраната“.
„Го делиме ставот на Владата за справување и намалување на штетите на интернет. Нашиот став останува јасен: ’YouTube‘ е платформа за споделување видеа со библиотека на бесплатна, висококвалитетна содржина, која сè повеќе се гледа на телевизиски екрани“, соопшти „YouTube“.
Во соопштението се додава дека „YouTube“ „не е социјална мрежа“.
Премиерот на Австралија, Ентони Албанезе (Anthony Albanese), изјави дека Австралија ќе води кампања на форумот на Обединетите нации во Њујорк во септември за меѓународна поддршка за забрана на децата да користат социјални мрежи.
„Знам од разговорите што ги водев со други лидери дека тие го разгледуваат ова и размислуваат за влијанието на социјалните мрежи врз младите во нивните земји“, рече Албанезе.
Новите правила нема да се применуваат за видеоигри, платформи за размена на пораки, како и за образовни и здравствени апликации, бидејќи се сметаат за помалку штетни за децата.
Минималната старосна граница треба да ги реши проблемите како зависно однесување, лошо ментално и физичко здравје и изложеност на несоодветна содржина, се наведува во соопштението на Владата.