Илегалните пијалаци кои туристите ги купуваат или ги консумираат на плажите на шпанска Палма де Мајорка можат да предизвикаат повеќе од обичен мамурлак, предупредува полицијата во гладот.
Мајорка е позната по топлото море, пешачење по крајбрежјето и идеалните услови за набљудување на ѕвездите, а веќе долго време е популарна дестинација за туристите желни за алкохол и забава.
Но, полицијата ги предупредува посетителите кои на островот доаѓаат поради сонцето и одморите дека често стануваат жртви на илегални улични продавачи на коктели кои не ги почитуваат хигиенските стандарди или ги почитуваат минимално.
Локалната полиција издала предупредување за туристите и жителите за сериозните здравствени ризици при консумирањето коктели, како мохито или сангрија купени кај илегални улични продавачи на плажата Playa de Palma.
Во текот на специјалната полициска акција спроведена на 13 јули, забележан бил уличен продавач којшто сечел овошје директно на тлото на паркингот, без никаква подлога или заштита.
Потоа тоа овошје го става во обична пластична ќеса, без никакви хигиенски мерки. Пијалаците наводно биле точени од пластични садови од пет литри, директно во пластични чаши.
Ваквата пракса е прекршок затоа што станува збор за продажба на алкохол на јавни места без дозвола. Поради тоа продавачот добил пријава, навела полицијата.
Покрај тоа, ваквата продажба претставува потенцијална опасност за здравјето на купувачите затоа што се врши без никаква санитарна контрола која е задолжителна кога станува збор за прехранбените производи и пијалаци.
Исто така пиењето алкохол на отворен простор е забрането во одредени делови на Мајорка, па казните за овој прекршок можат да стигнат и до 1.500 евра.
Сузбивањето на илегалните улични продавачи на алкохол и нивно консумирање на јавни места е дел од поголемата акција чија цел е решавање на здравствени и безбедносни проблеми, но и проблемите со врева и антисоцијално однесување во градот и другите туристички центри.