Раководството на ПСЖ плати 65 милиони евра за Гонсало Рамош пред две години, но напаѓачот може да го промени клубот уште ова лето.
Причина е тоа што португалскиот репрезентативец не е во прв план кај Луис Енрике и најчесто може да се надева на придонес од клупата за резерви, па ако сака поголема минутажа, ќе мора да ја бара во друг дрес.
„Лекип“ тврди дека ПСЖ не инсистира на продажба, но е отворен за предлози и може да даде зелено светло за заминување на Рамош, ако добие соодветна понуда која ги исполнува очекувањата.
Однесувањето на Португалецот му донело посебен респект кај стручниот штаб и менаџментот и затоа не е доведен во ситуација да биде под притисок за пронаоѓање нов клуб, но и самиот е свесен дека најмалку Усман Дембеле секогаш ќе има предност кај шпанскиот тренер.
И покрај големата конкуренција, португалскиот напаѓач има постигнато 33 голови на 86 натпревари во дресот на ПСЖ.
Покрај Рамош, фудбалери за кои „Лекип“ тврди дека се блиску до заминување се и Лукас Ернандес и Ли Канг-Ин.