Од Вреди упатија жестоки критики кон ДУИ, обвинувајќи ги нивните функционери во партијата за систематска злоупотреба на институциите додека биле на власт преку непотизам и вработувања на блиски роднини во највисокоплатените државни институции.
„ДУИ не се плаши од нас, туку од редот, правдата и контролата што ги носиме. Нашата борба не е за власт, туку за права и еднаквост и тоа за секој граѓанин“, порачуваат од Вреди.
Оттаму потенцираат дека Албанците не се разменска монета во политички пазар, ниту пак лична сопственост на поединци кои ја користат државната функција за вработувања во институции како АЕК, М-НАВ и други.
„Сведоци сме на систем кој се темели на врски, а не на заслуги. Вработувањата не се засноваат на знаење, туку на презиме. Јавниот сектор е претворен во семејна каса на функционерите на ДУИ“, велат од Вреди.
Тие предупредуваат дека јавните конкурси се често само параван за однапред договорени вработувања, а вистинските шанси за младите остануваат минимални.
„Наша обврска е да изградиме држава во која успехот се мери по знаење, а не по роднинска линија. Секој обид за непотизам мора да се казнува, а не да се слави. За тоа се залагаме“, истакнуваат од Вреди.
Во соопштението се додава дека податоците за застапеност во институциите мора да бидат јавни и проверливи, а не манипулативна статистика за политички цели.
„Се бориме за иднина во која младите ќе останат овде, а не ќе бидат принудени да си заминуваат поради неправдите и монополите на власта. Ќе го разбиеме семејниот монопол што ја зароби државата“, порачуваат од Вреди.