МНР го осуди говорот на министерот Георг Георгиев, бугарскиот амбасадор повикан на разговор

Макфакс

10/07/2025

17:02

302

Големина на фонт

а а а

Министерството за надворешни работи и надворешна трговија најостро ги осудува навредливите изјави упатени кон претседателот на Владата и институциите на Република Северна Македонија од страна на министерот за надворешни работи на Република Бугарија, Георг Георгиев, дадени во текот на денешното гостување во утринската програма на телевизијата БТВ.

Во врска со ова, Министерството денеска го повика на разговор амбасадорот на Република Бугарија во Скопје, Жељаско Радуков, на кого му беше пренесен официјалниот протест и му беше укажано на несоодветноста на ваквиот јавен дискурс од страна на висок функционер на бугарската влада.

„Таквите изјави, во кои се користи недоличен речник и се омаловажуваат претставници на суверена држава, претставуваат директна повреда на основните принципи на меѓународното право и дипломатската комуникација. Тие не придонесуваат за унапредување на добрососедските односи и се во спротивност со духот на конструктивен дијалог и заемно почитување што треба да ја води соработката меѓу двете земји“, соопшти Министерството.

Од таму велат дека очекуваат од официјална Софија да упати соодветно извинување, во насока на зачувување на достоинствената и принципиелна билатерална комуникација.

Георг Георгиев изјави дека со отстранувањето на „македонски јазик и идентитет“ од извештајот за Македонија во Европскиот парламент (ЕП), успеале да спречат ЕП да биде искористен за домашната политичка пропаганда на, како што го нарече Мицкоски, „северномакедонскиот“ премиер.

Тој, исто така, кажа дека Мицкоски спроведува кризен пи-ар, веројатно за да се оправда пред сопствените граѓани за неисполнетите ветувања, односно, како што вели Георгиев, затоа што ги излажал.