Координаторот на Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Карпош, Христо Саракинов, денеска реагираше на повторниот инцидент со падната фасада во населбата Козле, потенцирајќи ја потребата од системска контрола и одговорност.
„Станува збор за сериозен настан кој, за среќа, помина без повредени, но со јасна порака – безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет“, истакна Саракинов, додавајќи дека ова не е прв ваков случај, потсетувајќи дека пред неколку години, на иста ваква кула и во истата населба Козле неколку стотини метри подоле, фасада се урнала под слични околности.
Според него, фасадите се дел од програмата за енергетска ефикасност, изведени во времето на поранешниот градоначалник Стевчо Јакимовски. Тој побара институционална постапка за утврдување на причините за несреќите.
Саракинов постави неколку клучни прашања: Дали изведбата била согласно техничките стандарди?; Кој вршел надзор?; Дали е потребна дополнителна ревизија на слични објекти?
Тој апелираше до градежната инспекција да ги разгледа двата случаи и побара Општина Карпош да спроведе контрола на сите згради со фасадни интервенции од последните години.
„Во име на граѓаните, бараме вистина, но и корективен пристап кон грешките од минатото“, заклучи Саракинов.