Gentherm со нов инвестициски циклус го потврдува она што сите го чувствуваме, дека Македонија станува сигурна дестинација за долгорочни, стратешки и технолошки напредни инвестиции, истакна премиерот Христијан Мицкоски.
Инвестицијата согласно деловниот план на компанијата ќе изнесува повеќе од 30 милиони евра со 300 нови вработувања и станува збор за високо интегрирани системи за автомобилската индустрија – со нова технолошка опрема, автоматизирани линии и современо производство. Ова значително ќе го зголеми извозот и ова е високо технолошко производство кое докажува дека сме конкурентни и на тој пазар, најави Мицкоски.
Со тоа, како што рече, стануваме регионален хаб на Gentherm за Европа.
Ова, додаде Мицкоски не е само уште една инвестиција туку двигател на нашата економија.
„Со вакви проекти расте индустриското производство, се отвораат нови работни места, се зголемува извозот, а со тоа расте и довербата во нашата економија, расте вредноста на македонското знаење, умеење и труд. Во време кога владите трошеа енергија на корупција, на непотизам и на лажни ветувања, ние градиме реално, отвораме фабрики, носиме инвеститори, креираме иднина.
Се бориме за секој инвеститор домашен и странски. За секоја нова хала, секое ново работно место, секој денар инвестиран овде“, додаде тој.
Оцени дека економијата не се води со пароли, туку со проекти, со партнерства и со сигурни инвестиции.
„Gentherm е уште еден доказ дека доаѓа времето на Македонија“.