Алијансата за Албанците на Арбен Таравари реагира на новата наставна програма по историја за основно и средно образование, обвинувајќи ја Владата за дискриминација, фалсификување на историјата и исклучување на албанските експерти од процесот на изготвување на програмите.
„Во држава која се нарекува мултиетничка, исклучувањето на албанските историчари од работните групи за изготвување на наставните програми е институционален скандал и директна навреда за сите граѓани Албанци“, реагира партијата.
Алијансата наведува дека новата програма е изготвена на нестручен, тенденциозен и дискриминаторски начин, со што, како што велат, се избледува историскиот идентитет на Албанците и се минимизира нивниот придонес во балканската и европската историја. Меѓу посочените примери е и насловот „Илири и Дарданци“, кој според партијата е апсурден и ненаучен, бидејќи Дарданците се неразделив дел од илирското стебло.
„Ова не е обичен апел, туку силен повик за правда, еднаквост и достоинство во третманот на нашето заедничко минато“, порачуваат од Алијансата, повикувајќи го Министерството за образование итно да прекине со одобрување на учебници базирани на спорните програми и да обезбеди рамноправно учество на албанските историчари.
Партијата додава и дека ако историјата се искривува денес, иднината ќе се гради врз лаги.