Второ место меѓу тимови од 30 држави, меѓу 73 илјади натпреварувачи е многу високо достигнување и потврда дека Македонија има талентирани и едуцирани деца кои одлично ги познаваат економските процеси, знаат да планираат буџет и да управуваат со пари и финансиски ризизи, рече министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на доделувањето на наградите на ученичкиот тим кој ја претстави Македонија на Европскиот квиз на пари 2025 година, што го организира Европската банкарска федерација.
„Министерството за образование и наука се заложува да ја подигне финансиската писменост меѓу сите млади. Важно е и затоа ќе започнеме посериозна соработка со финансиските институции како Народната банка, Македонската банкарска асоцијација и Комисијата за хартии од вредност и заеднички ќе го обликуваме моделот преку кој уште поефективно, финансиски ќе ги едуцираме новите генерации“, рече Јаневска.
Информираше дека државата ги зголеми средствата за поддршка на талентираните ученици, за да може без било какви грижи, во иднина да учествуваат на големи меѓународни натпревари и олимпијади.
„Првенствено заради вас, заслужувате поддршка во градењето на талентот. Но и да му покажеме на светот дека и оваа земја има извонредни деца кои се подготвени да управуваат со општествените процеси и да учествуваат во креирањето и насочувањето на глобалните текови и трендови“, додаде министерката.
Изрази благодарност до Македонската банкарска асоцијација што го организира националниот квиз за пари и порача активноста да продолжи и во иднина, заоа што го стимулира натпреварувачкиот дух на младите и придонесува во градење на финансиски писмени и одговорни генерации.
Награди на денешниот наста им беа доделени и на учениците кои ги освоија второто и третото место на националниот квиз на пари.
На годинешниот Европски квиз за парите на кој се натпреваруваат ученици на возраст од 12 до 15 годин, второто место го освоија македонските ученици Марин Христоски и Алексеј Мицкоски од ООУ „ Кире Гавриловски – Јане“ од Прилеп, под менторство на наставничката Соња Јорданоска. Тимот од Италија го освои првото место, додека третото место ѝ припадна на Шведска.
Претставници од Македонија второто место освоија и во 2019 и 2020 година, а во 2024 година беа третонаградени.