Филипче: Не е време за калкулации, ниту за ситнопартиски интереси, СДСМ останува силен промотор на европската идеја

Макфакс

01/07/2025

15:08

128

Големина на фонт

а а а

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, по средбата со еврокомесарката за проширување Марта Кос, изјави дека поддршката од Европската Унија за евроинтеграциите на Северна Македонија е силна и континуирана.

„Имавме одлична и многу конструктивна средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Оваа средба е доказ за континуираната, искрена поддршка која ЕУ ѝ ја дава на земјата на патот кон конечната цел – членство во Унијата“, изјави Филипче.

Тој нагласи дека СДСМ останува целосно посветен на европскиот пат како единствена реална опција за развој на државата.

„Сметаме дека тоа е единствениот начин на кој земјата ќе ги зајакне капацитетите и институциите, граѓаните ќе имаат подобра економска положба, ќе има вистинска реформа на правниот систем, и младите ќе може да ја бараат својата иднина тука, затоа што ќе имаат многу повеќе можности од тоа што го имаат сега“, додаде тој.

Филипче изрази загриженост за стагнацијата во евроинтегративниот процес и недостатокот на политичка стратегија и дијалог во изминатата година.

„Жалам што има стагнација на тој пат – некако отсуствуваат и стратегија, и политички дијалог, и за жал се отвораат веќе затворени прашања. Во таа смисла, побарав поддршка од еврокомесарката, и од неа лично, и од сите европски партнери, да се откочи нашиот евроинтегративен пат“, нагласи Филипче.

Тој испрати јасна порака до сите политички чинители дека е време за единство околу стратешката цел – членство во ЕУ.

„Ова не е време ниту за калкулации, ниту за тесно и ситнопартиски интереси. Ова е време во кое секоја една партија треба да даде сѐ од себе за да продолжиме по патот на евроинтеграцијата, да се отворат поглавјата за преговорите, затоа што граѓаните тоа го очекуваат од нас“, порача Филипче.

„И јас лично, и СДСМ, остануваме силни промотори на европската идеја кај нас.“