Кристијан Киву го претрпе првиот болен пораз како тренер на Интер, а истиот значеше и рана елиминација во нокаут фазата на Светското клупско првенство.
Флуминенсе ги користеше своите шанси и победи со 2:0 во пресметката со италијанскиот калчолигаш, кој сега и дефинитивно става крај на ужасните два месеци во кои остана без четири титули.
Тренерската смена по финалето во Лигата на шампиони означи старт на еден возбудлив почеток за Киву, кој многу брзо се најде и во ситуација да ги смирува страстите во соблекувалната.
Лаутаро Мартинез изреагира бурно по елиминацијата од Флуминенсе и му испрати жестока порака на Чалханоглу кој се обидува да избори трансфер во Галатасарај, а сега на таа тема се јави и тренерот на првиот тим.
– Ние сме победници и мораме да копаме длабоко за да дојдат до израз карактерот и гордоста. И јас кажав нешто слично на прес-конференцијата, но бев подипломатски настроен од Лаутаро. Порачав дека сите треба да работиме заедно и да одиме во иста насока. Го кажав тоа дипломатски, а Лаутаро беше подиректен. Пораката е јасна за сите, сите мораме да бидеме на иста бранова должина доколку сакаме да ги оствариме амбициите наредната сезона. Потребни ни се играчи кои сакаат да бидат дел од тимот, – изјави Киву.