Реализирани 11 проекти во Клиниката за детски болести во делот на инфраструктурата и набавка на модерна медицинска апаратура

Макфакс

25/06/2025

14:50

125

Големина на фонт

а а а

Успешно се реализирани 11 значајни инфраструктурни и медицински проекти на Детската клиника, соопштија денес премиерот Христијан Мицкоски и министерот за здравство, Азир Алиу, истакнувајќи дека нивната цел е сите клиники да бидат инфраструктурно и технолошки опремени и со добар кадар.

Двајцата ја посетија Клиниката за детски болести, пришто Мицкоски изрази благодарност за оние што се грижат за овој објект, бидејќи тој треба да се грижи за здравјето на нашите најмлади, а тоа се децата.

Директорот на клиниката, Реџеп Мемеди информираше дека веќе се реализираат активности за зајакнување на кадарот, клучен предуслов за функционален и одржлив здравствен систем. Во тек е реализација на нови вработувања за доктори, административен кадар, медицински сестри, лаборанти и биолози. Исто така, е завршена е постапката за вработување четворица специјализанти, а наскоро ќе се објави и нов оглас за тројца лекари, за кои веќе се добиени согласности.

Во претстојниот период ќе бидат воведени три медицински процедури и ќе се отвораат нови кабинети за хемодијализа и ултразвучна цистографија на одделот за нефрологија, обезбеден е и апарат за стрес-тест на одделот за кардиологија.

На новинарско прашање, министерот Алиу информираше дека од денес има нова веб страница на Министерството за здравство, поставена е апликација за отворен кабинет, преку која граѓаните ќе имаат можност од наредната недела секој петок да се пријават од 10 до 15 часот и да закажат за 15-минутна средба со министерот.