На почетокот на мај оваа година МВР потпишало Договор за набавка на софтвер кој се користи за прислушкување и шпионажа на телефонските уреди, рече денеска на прес-конференција Методија Илиевски, потпретседател на СДСМ.
„Дали следењето и прислушкувањето новинари, активисти и политички неистомисленици се таргет на МВРО-ВМРО? Софтверот “Селебрајт Инсајтс Про” како и “НовиСпај” се алатки развиени за потребите на српската Безбедносно информативна агенција. Проблематично е тоа што во светските медиуми и официјални соопштенија на Гугл, за овој софтвер се наведува дека бил користен за следење на новинари и активисти. “Амнести интернешнл” во својот извештај објави целосно истражување и форензички резултати за овие случувања. Сега МВР набавува годишна лиценца за софтвер Cellebrite Inseyets Online Pro, годишна лиценца за Recon ITR, Recon Lab, Exterro FTK Enforcement Bundle за 9 милони денари“, истакна Илиевски.
Според него, „ова се скандалозни и загрижувачки информации“.
„Зошто МВР го избра најсомнителниот софтвер, познат по низа скандали и незаконско следење? Ќе се прислушкува ли повторно „на големо“ и тоа без соодветни одобренија од правосудните органи? Ќе има ли кој да контролира и како би се контролирало недозволено следење, снимање, упад во комуникациите на граѓаните? МВР должи одговори на јавноста“, нагласи Илиевски.
Портпаролката на Владата, Марија Митева, ги демантира обвинувањата на СДСМ дека МВР набавува сомнителен софтвер за прислушување.
Според Митева, се’ што било изнесено на прес-конференцијата на СДСМ е ноторна лага.
„Во целост ја демантирам прес-конференцијата на СДСМ и се што е изнесено на неа е ноторна лага. СДСМ е политичката партија која во време на власта го набави тој софтвер за форензика и точно знае дека софтверот не може да функционира без лиценци. Тие лиценци на годишно ниво секогаш се набавуваат зашто таа опрема е наменета за дигитална форензика. Овој договор што го спомнуваат е рамковна спогодба за три години за набавка на лиценците и ништо повеќе од тоа. Замислете, набавуваат опрема во нивно време, денеска излегуваат на прес-конференција и лиферуваат лаги. Мислам дека владее тотална безидејност во СДСМ“, кажа Митева, одговорајќи на новинарски прашања во Владата.