[ВИДЕО] Петрушевски: 9 милиони евра завршиле во фирма на Заев од Бугарија блиска до Филипче за ископ на јаглен во време на СДС

Макфакс

08/06/2025

14:38

100

Големина на фонт

а а а

Огромни суми на пари, кои се бројат во десетици милиони евра, од продажбата на јаглен на ЕСМ завршувале на сметки на фирми директно на Заев, а кои имаат тесна врска со Венко Филипче, рече денеска на прес-конференција Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.

„Имено фирмата која му го купила луксузниот џип на Филипче, Зобек мининг груп продавала јаглен на ЕСМ по цена од 82 евра, а го купувала за 30-тина. Разликата во цена никогаш не влегла во Македонија. Зобек мининг груп уште во Грција за наводен ископ на јаглен исплатила 9 милиони евра кон фирмата на Заев во Бугарија, Гомасидра. Оваа фирма на Заев е регистрирана на истата адреса во Петрич, Бугарија, како и фирмата на Венко Филипче, „Пауер ај 8“(POWER i8 Ltd)“, кажа Петрушевски.

Според него, „овде има и законска и морална дилема и проблем“.

„Додека Заев и Филипче велеле дека немаат врска со државни тендери, тие всушност биле во милионска шема со државни тендери. Ова почитувани е скандал за кој ЈО мора веднаш да отвори постапка и да реагира. Милиони евра завршиле во фирми на Заев, блиски до Филипче само од еден тендер. Одговорност мора да има“, вели Петрушевски.