Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека ќе испрати 2.000 војници од Националната гарда во Лос Анџелес по вториот ден на судири меѓу демонстранти и агенти на имиграциската служба за време на рации во локални бизниси за кои се сомнева дека вработуваат нелегални мигранти.
Овој потег претставува голема ескалација на напорите на Трамп да ја запре нелегалната имиграција, пренесе „ЛА Тајмс“.
Националната гарда претходно беше распоредена во Лос Анџелес за време на широко распространети граѓански немири, вклучително и протестите во 2020 година по убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд.
Белата куќа во саботата соопшти дека Трамп ги распоредува гардистите во Лос Анџелес за да се справат со „безаконието“ што, како што тврди, се проширило во Калифорнија, пренесе „АП“.
Гувернерот на Калифорнија, демократот Гавин Њусом, се спротивстави на потегот, изјавувајќи на платформата X дека чекорот на Трамп е „намерно провокативен и ќе доведе само до зголемени тензии“.
Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет се закани дека ќе распореди војска во Лос Анџелес, вклучително и маринци, ако насилството продолжи.
Полицијата со шлемови и опрема за разбивање демонстрации се судри со демонстрантите во петокот навечер, откако агентите на Службата за имиграција и царина (ICE) уапсија најмалку 44 лица за прекршување на имиграциските закони.
Заменик-директорот на ФБИ, Ден Бонџино, изјави дека агенцијата прегледува докази од протестите и соработува со канцеларијата на федералниот обвинител.
„Правото на собирање и протест не подразбира дозвола за напад врз службеници за спроведување на законот, ниту за попречување на нашите легитимни имиграциски операции“, изјави Бонџино.
Полицијата на Лос Анџелес соопшти дека не се извршени апсења во врска со демонстрациите, но дека силите биле распоредени за да се спречат нереди, откако демонстрантите по имиграциските рации се собрале пред блискиот затвор, каде наводно биле сместени некои од уапсените, и испишале пароли против ICE на ѕидовите на зградата на федералниот суд.