Орбан: Унгарија успеа да се спротивстави на притисокот од Брисел

Макфакс

06/06/2025

11:27

533

Големина на фонт

а а а

Унгарскиот премиер, Виктор Орбан, денес изјави дека земјата успеала да се спротивстави на притисокот од Брисел, благодарение на својата стабилна и цврста влада.

Орбан нагласи за унгарскиот јавен сервис дека владата со двотретинско мнозинство, која беше избрана во 2022 година, е клучна за зачувување на независноста на Унгарија во односите со Европската Унија.

„Европските бирократи вршат голем притисок врз земјите-членки да овозможат почеток на преговорите за пристапување со Украина, со поддршка на повеќе од 30.000 бирократи. Унгарија, сепак, стои цврсто затоа што народот создаде стабилна влада“, рече Орбан.

Тој нагласи дека, додека многу европски влади имаат коалиции што го отежнуваат постигнувањето обединета позиција, Унгарија ужива политичка стабилност што ѝ овозможува да се спротивстави на надворешните притисоци.

Унгарскиот премиер нагласи дека оваа стабилност е најважната предност на Унгарија во меѓународната конкуренција и рече дека земјата продолжува да се спротивставува на сите обиди за доведување во прашање на нејзиниот суверенитет.

Орбан, исто така, ја поздрави победата на Карол Навроцки на претседателските избори во Полска, нарекувајќи ја фантастичен резултат за Унгарија, што, според него, е продолжение на маршот на патриотите.

Тој додаде дека „Вашингтон експрес штотуку пристигна во Варшава“, алудирајќи на растечкото влијание на САД во регионот.