Путин бесен, жестоко го нападна режимот на Зеленски

Макфакс

04/06/2025

19:44

1.155

Големина на фонт

а а а

Рускиот претседател Владимир Путин за прв пат коментираше за најновите украински напади на руска територија. Тој рече дека „намерните напади на Украина врз цивилното население во Русија потврдуваат дека веќе нелегитимниот режим во Киев се претвора во терористичка организација“.

Тој нагласи дека „на режимот во Киев не му е потребен мир“ и дека за сегашните власти во Киев, мирот „веројатно значи губење на власта“. Путин тврди дека одлуката за извршување на нападите е донесена на политичко ниво во Украина, а целта е да се заплаши Русија.

Според него, украинските сили се повлекуваат по целата фронтова линија и трпат големи загуби, поради што властите во Киев се свртуваат кон организирање терористички напади. Путин повтори дека Москва стравува дека „нелегитимниот режим во Киев се претвора во терористичка организација“, што, тврди тој, се потврдува со напади врз цивилното население, како оние во регионот Брјанск.

„Она што се случи во Брјанск беше целен напад врз цивили. Според сите меѓународни норми, ваквите дејствија се нарекуваат тероризам“, рече Путин.

Тој додаде дека „нападите врз цивилите имале за цел да го попречат вториот круг преговори“ и дека Украина ќе го искористи секое затишје во борбите за повторно вооружување, присилна мобилизација и подготовка на нови напади.

Рускиот претседател, исто така, тврдеше дека спонзорите на Украина „стануваат соучесници на терористите“.

Тој, исто така, нагласи дека, според него, на украинското раководство му недостасува политичка култура и си дозволува да ги навредува оние со кои наводно се обидува да преговара.

Путин им се заблагодари на службите за итни случаи, железничките работници и другите работници за помошта на повредените во нападите.