Министерот Владо Мисајловски и високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедносна политика, Каја Калас денеска (23 мај) ги посетија Балканските медицински наменски сили (Balkan Medical Task Force) каде извршија увид во опремата со која Европската Унија го поддржа развојот на оваа регионална организација.
Министерот Мисајловски истакна дека поддршка од Европската Унија, но и од сојузниците во градење на македонските одбранбени капацитети се должи на искрената посветеност, подготвеност и професионалност во зачувувањето на мирот, стабилноста и безбедноста на регионот и пошироко.
„Европската Унија ја препозна нашата искрена заложба за зајакнување на безбедноста вклучувајќи го и придонесот во мировните мисии и операции и одговори позитивно на барањата за зајакнување на македонската Армија со помош во опрема во висина од 40 милиони евра“, рече министерот.
Тој додаде дека европската помош се однесува на „ опрема за потребите на инженерија, за воено медицинскиот центар, за Лесната пешадиска баталјонска група, за логистиката, технологии поврзани со разузнавање, набљудување и извидување, електронско војување, комуникациско – информациски системи, системи за команда и контрола, заштитна опрема“ и посочи дека со оваа помош е опфатена и обука на персонал.
Високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика, Калас за Балканските медицински наменски сили рече дека се силен пример за регионална соработка што дава резултати.
„Европската Унија ја поддржува оваа иницијатива и политички и финансиски, бидејќи таа точно го одразува она за што се залагаме во Западен Балкан: доверба, партнерство и постигнување видливи резултати за луѓето. Оваа иницијатива е уште поважна бидејќи се однесува на спасување животи“, рече Калас.
Калас посочи дека Северна Македонија е доверлив партнер, целосно усогласен со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, придонесувајќи во операциите на ЕУ, особено во ЕУФОР АЛТЕА во Босна и Херцеговина и истакна дека јасноста и конзистентноста во геостратешката ориентација на нашата држава „се клуч што би можел да отклучи подлабока одбранбена соработка со ЕУ“.
Балканските медицински наменски сили се меѓународна организација со седиште во Скопје, формирана со цел да обезбеди брз и координиран одговор при катастрофи предизвикани од природни непогоди или човечки фактори. Земји членки на БМНС се Северна Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Србија, Словенија и Црна Гора.